Бутелска четири месеци е раскопана, целата е со дупки и по неа не може да се вози

Бутелска, главната улица во скопката општина Бутел, четири месеци е раскопана, целата е со дупки и по неа не може да се вози, пишува СДК

Град Скопје во октомври лани ја раскопа едната страна на улица Бутелска за поставување нова цевка за атмосферска канализација. Оттогаш улицата нема асфалт. Од другата страна на коловозот пак на секој десетина метри има дупки од прокопи, кои исто така не се асфалтирани ниту пак поставен е тампон слој.

Жителите на населбите Бутел и Радишани велат дека секој ден мораат да вртат низ споредни улички за да излезат на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош оти низ Бутелска ќе ги искршат колите.

Од Град Скопје велат дека асфалт улицата ќе добие кога ќе се подобрат временските услови, но не кажуваат зошто четири месеци не нашле решение да се оспособи улицата за сообраќај.

„Градот Скопје, на улицата Бутелска, на потег од Кружниот тек на влезот од населбата до крстосницата со улицата Александар Урдаревски, изврши поставување на нова атмосферска канализација. Останува да се изврши целосна реконструкција на улицата на овој потег, а тоа ќе се стори кога ќе го овозможат временските услови“, велат од Град Скопје.