Богоев открива какви проекти планира во 2019 - изградба на нов парк и реонски училишен базен, реконструкција на градинки

За 2019 година планираме повеќе работи, но ако треба да издвојам некои покрупни тоа би бил дефинитивно ПАРКОТ којшто започнува во 2019 година да се реализира. Тоа е паркот од вештачката карпа до бунарите на р.Лепенец, по должина на р.Вардар. Почнуваме оваа година со активности таму, за паркот.

Исто така, МОЈ КАРПОШ – МОЈА КАРТИЧКА која ќе овозможи попусти и бенефиции за граѓаните на Општината, во бројни локали, кафетерии, ресторани,угостителски објекти, здравствени дејности на територија на Општината.

Од делот на детската и социјалната заштита, тоа би биле градинката во Бардовци, која ја изградивме и треба да профункционира во 2019 година и се надевам дека ќе почнеме и со активности за темелна реконструкција на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1. Тоа е клонот кој се наоѓа таму, градинка која е прилично руинирана.

Од друга страна, заедно со Агенцијата за млади и спорт, очекуваме годинава да се реализира и првиот реонски училишен базен кој ќе биде лоциран во дворот на ООУ „Јан Амос Коменски“ и ќе може да го користат сите деца од основните училишта на територија на Општината во претпладневните часови, додека во попладневните ќе можат и пошироко, сите граѓани да го користат овој базен.

Продолжуваме секако и со тековни работи и тековни активности. Сметам дека навистина и на полето на хигиената, зеленилото и слично, ќе имаме сериозен напредок оваа година.

Тука би сакал да потенцирам и за највозрасните, за пензионерите. Годинава ќе започне да функционира и проектот ХУМАНИ ПАТРОЛИ каде што наши тимови ќе ги посетуваат највозрасните сограѓани, пензионерите во Карпош. Да им помогнат во некоја дневна потреба и работа и со соодветен медицински персонал да се прават некои основни, здравствени прегледи на нашите пензионери. Придружно на тоа, во делот на дружење и комуникација со пензионерите планираме отворање на НОВИ ПЕНЗИОНЕРСКИ КЛУБОВИ, додека во постојните ќе воведеме нови, динамични содржини. Пензионерите почесто ќе ме гледаат и мене и советниците, но и ќе имаат и разни настани организирано.