Битиќи и Костовски денеска на увид на градбата на новата градинка во Бутел

Вицепремиерот Фатмир Битиќи, градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски и претставникот на ТАВ Контракшн, Емрах Тосун денеска извршија увид на градежните работи за изградба на детската градинка во Општина Бутел преку ТАВ програмата.

Новиот објект е лоциран во дворот на ООУ “Св. Климент Охридски”. Вкупната површина на детската градинка изнесува околу 950 м2 во првата фаза, а втората фаза опфаќа 200 м2.

 Вкупната инвестиција изнесува 35.000.000 денари средства обезбедени од ТАВ програмата.

- Во Општина Бутел се гради нова модерна детска градинка за која се одвоени 580 илјади евра од ТАВ програмата. Во градинката, жителите на ова населено место ќе можат да згрижуваат до 100 деца уште од најраната возраст, со што ќе го растерети проблемот со упис на нови деца и ќе почне со работа во септември, изјави Битиќи.

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, од негова страна искажа задоволство за реализацијата на проектот кој во голема мера ќе го олесни пријавувањето на малите деца во градинките.

-  Капацитетот на градинката ќе биде за 120 деца, а целиот објект ќе биде едно ново модерно здание кое ќе ги задоволи сите потреби на малите деца. Со оваа нова градинка во значителна мера ќе се растерети проблемот со упис на нови деца. Ова е уште едно предизборно ветување кое започнавме да го реализираме во првата година од мојот мандат, порача по увидот првиот човек на општина Бутел.