Бесплатна униформа и годинава за основците од Аеродром

Пред почетокот на новата училишна година, општина Аеродром повторно ќе го презентира проектот за бесплатна облека за учениците од основните училишта на нејзината територија.

Доделувањето на училишната облека ќе биде презентирано на утрешна прес-конференција од 10:30 часот во ООУ „Гоце Делчев“, каде ќе бидат присутни градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски и заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Инаку, ова е веќе трета година откако се воведе задолжителната униформа за основците од скопската општина. Лани до над 6.000 учененици беа дистрибуирани облеки, а набавката ја обезбедуваше Општината, која од Буџетот одвои некаде осум милиони денари.

Како што веќе наведоа од Аеродром во изминативе години, целта е децата да бидат еднакви во облекувањето и подобро да се фокусираат на воспитно-образовниот процес. Односно, да се навикнат на соодветен кодекс на облекување, со што, рекоа од Аеродром, основните училишта би ги достигнале стандардите за унифицираност на училиштата од европските метрополи.