Белград, Истанбул, Париз и Рим – најактуелни дестинации за дочек на Нова година

Најактуелна дестинација за дочек на Нова година меѓу младите е Белград, од понудите со вклучен авионски билет најбарани се оние за Париз и Рим, додека од аранжманите со автобуски превоз најпродавани се оние за Истанбул и Италија.

И покрај поскапите понуди за патување, во однос на лани, сè уште има голема заинтересираност.

Како што објави Медиумската информативна агенција, од пакет – ангажманите со автобуски превоз најголема заинтересираност има за Истанбул, како и за понудите за Италија, а продавани се и аранжманите за градовите каде што се актуелни Божиќните маркети, како што се Букурешт, Виена и Будимпешта.

Новогодишните ангажмани, како што посочуваат туристичките агенции во изјава за МИА, не го вклучуваат дочекот на Новата година во цената, односно тој се доплаќа и е различен во однос на дестинацијата.

Агенциите најчесто нудат дочек на Нова година на плоштадите во големите градови, додека пак за Белград и за Истанбул имаат понуди за забави, а за Истанбул има и понуда за дочек на брод со вклучени храна и пијалаци.

Оние што планираат да останат во земјава, имаат можност за дневни забави кои се поактуелни, додека за дочекот на Нова година во рестораните и кафулиња, во зависност од понудата, цените по лице се движат од 2.000 денари нагоре, а има и такви чии понуди се повисоки и од 6.000 денари.