Баруфет: Вардар иако е дебитант има огромно искуство

Ждрепката за полуфиналето од ракоментата Лига на шампиони донесе пресметка меѓу македонски тим и двајца стандардни македонски репрезентативци, бидејќи Вардар и Барселона ќе биде вториот пар на фајналфор турнирот во Келн кој се игра на почетокот на јуни.

Од таборот на вардарците потенцираат дека немаат намера да се предадат лесно во дуелот со големиот каталонски гигант кој ја освои Лигата на шампионите пред две години, па во најавите дека ќе се гледа навистина израмнет натпревар се надоврза и менаџерот на Барселона, Давид Баруфет.

Поранешниот голман и капитен на ракометниот тим од Каталонија сега има менаџерска улога во клубот за кој настапуваат нашите Кирил Лазаров и Борко Ристовски, а токму тој ја даде првата изјава од противичкиот табор по извлечените двојки во полуфиналето во Лигата на шампионите.

– Вардар е тим кој има многу големо искуство, фактот дека станува збор за дебитант на фајнал-фор турнирот не значи ништо. Тие имаат играчи со големо искуство и кои минале илајдници километри на највисока сцена – порачал Баруфет, посебно нагласувајќи ги имињата на играчите кои имаат успешни настапи и во Шпанија.

– Жоан Кањелас, Арпад Штербик и Алекс Дујшебаев, тоа се играчи со огромно знаење, играчи кои имаат голем квалитет. Тие се навистина силна група и ќе биде незгодно, – завршил менаџерот на Барселона.