Аудиенција на претседателката Силјановска Давкова кај Поглаварот на Римокатоличката црква Папата Франциск

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на посетата на Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, денеска во Апостолската палата имаше аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск.

Претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за упатените честитки од Папата Франциск по повод нејзиниот избор за Претседател и истакна дека ѝ претставува особена чест во годината кога се одбележува 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете држави, да ја предводи државно-црковната делегација на овој значаен настан.

Таа истакна дека историската посета на Папата Франциск на нашата земја остави силна трага во билатералните односи и го потврди високиот степен на доверба и пријателство меѓу двете држави.

Претседателката изрази уверување дека за време на нејзиниот мандат нашата држава уште поинтензивно ќе се залага за продлабочување на севкупните односи со Светиот Престол, со цел јакнење на партнерството и негување на меѓусебното почитување базирано на заедничките историски, културни и верски традиции.

Претседателката Сиљановска Давкова и Папата Франциск ги разгледаа можностите за унапредување на институционалната соработка во областа на образованието, науката и културата и разменија мислење за тековните предизвици со кои се соочува католичката заедница во нашата држава.

Посочувајќи дека во нашата земја постои традицијата на почит кон различностите и висока свест за позитивната улога на религијата во развојот на општеството, претседателката го потенцираше значењето и придонесот на католичката црква и ја изрази нејзината подготвеност за продолжување на соработката со католичката заедница.

На средбата беа традиционално разменети подароци, при што, претседателката Сиљановска Давкова на Папата Франциск му подари голема резбa со мотив од птицата феникс којшто претставува симбол на вечноста.

По аудиенцијата кај Папата Франциск во изјава за медиумите претседателката Сиљановска Давкова истакна дека на долгата средба со Папата најпрво се усогласиле околу актуелните проблеми, околу поддршката на Ватикан на патот кон Европската Унија, поддршката на Ватикан на Западен Балкан. Претседателката во изјавата посочи дека изразила разбирање за склучување на Конкордат со Ватикан, затоа што системски треба да се пристапи кон решавањето на прашањата врзани особено за статусот на католичката црква и христијаните од католичката религија кај нас и рече дека изразила желба да се отвори Нунцијат кај нас бидејќи така ќе може навистина да биде директна соработката. Претседателката Сиљановска Давкова, посочувајќи ја соработката во многу области во сферата на високото образование, библиотекарството, конзервирањето итн., рече дека изразила спремност да продолжи таа соработка.

Претседателката Сиљановска Давкова денеска оствари средба и со државниот секретар на Светиот Престол, монсињор Пјетро Паролин, на којашто беше изразена цврста подготвеност за продолжување на конструктивната соработка во духот на меѓусебното разбирање и заедничките вредности.