Атрактивни филмови во Кинотека на Македонија

Филмот “Мало крило” во режија на Селма Вилхунен е првиот од шестте филмови кој во селекција на српскиот режисер Бојан Вулетиќ ќе биде прикажан пред скопската публика, вечерва (24 април) од 20 часот во Кинотека на Македонија.

Меѓу филмовите кои ќе бидат прикажани до 29 април во Кинотека се и: “Успивачот” во режија на Тему Ники (25 април), “Непростено” во режија на Ларс Фелдбале Петерсен (26 април), “Законот на земјата” во режија на Јуси Хилтунен (27 април), “Ѕвездени момчиња” во режија на Виса Коисо – Кантила (28 април) и “Земја на чудата” во режија на Инари Ниеми (29 април). Се работи за пет играни и еден документарец во рамките на Неделата на современиот фински филм, кои меѓусебно се разликуваат по теми и по форма.

Од Кинотеката посочуваат дека филмовите претставуваат пресек на финската кинематографија во последниве две години, односно оној нејзин дел кој досега не сме имале можност да го гледаме на редовните кино-репертоари или на домашните фестивали.

„Возбудливи играни филмови, разични по жанр, од семејни драми до трилери и модерни вестерни во снег и мраз, кои се занимаваат со комплицирани семејни односи, обработуваат различни современи теми: од потребата за слободна љубов, предвременото созревање и недораснати родители, до убивање домашни миленици, одмазди и пријателства. Покрај играните, имаме и еден документарен филм, кој го следи осудениот воен злосторник од поранешна Југославија кој, за да продоложи со животот, мора да се сретне со своите жртви“, ќе посочи Вулетиќ за селекцијата на Недела на современиот фински филм.

Според него овој избор на филмови ќе и даде можност на публиката да открие еден дел од Европа кој само навидум е далечен, скриен и студен, но во суштина е многу близок, исполнет со топлина, бидејќи потребата од љубов, пријателство, семејство, вистина, правда и храброст е универзална.

Филмскиот критичар Стојан Синадинов, пак, ќе истакне дека во овој избор најпрвин се забележува авторскиот пристап. “Во сите филмови режисерите се и автори на сценаристичката предлошка. Темите кои се застапени се најчесто распадот на семејството по сите основи: емоционални, социјални, идеолошки… Тој актуелен „социјален ДНК“ на финското општество е формиран во вителот на транзицијата на конзервативните средини кон модерност во изминативе децении, но финските автори имаат поширок ракурс на гледање“, додава Синадинов.