Арсовска од денеска и официјално ќе ја презеде функцијата „прва жена на Град Скопје“

Данела Арсовска денеска и официјално ќе стане прва жена која ќе го раководи главниот град од осамостојувањето на Македонија, откако во петок Изборната комисија на Град Скопје и го врачи Уверението.

Таа беше апсолутен победник на неодамна одржаните локални избори каде во вториот круг имаше предност од над 28 000 гласови пред противкандидатот Петре Шилегов од кого денеска треба да ја превземе функцијата.

Арсовска се кандидираше како независна кандидатка по што ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.

Во текот на кампањата се соочи со низа предизвици, пред се обвинувања и навреди од страна на опонентите.

Уште на самиот старт, кога Арсовска, се појави во една телевизиска емисија заедно со останатите кандидати за да ги презентираат програмите, таа, од водителот беше запрашана дали се консултирала дома за да се канидира за оваа висока позиција, алудирајќи на тоа дека е жена.

Суптилниот родов дискриминаторси дискурс наиде на осуда кај познавачите и застапниците на родово балансирана политика со аргумент дека, како жена ги има истоте појдовни позиции во трката, како и нејзините противкандидати кои беа мажи, со исклучок на една жена во првиот изборен круг.

Иако против Арсовска се водеше жестока црна кампања, таа цело време смирено и аргументирани се обраќаше кон граѓаните. Познавачите ја оценија нејзината кампања како одмерена, професионала, елоквентна и продуктивна. Во ниту еден мометнт, таа не играше на картата „око за око, заб за заб“ туку со аргументи се обраќаше кон своите избирачи, а противниците на некој начин ги игнорираше.

 По победата Арсовска во свој стил се заблагодари за поддршката, а пред неколку дена сподели и форографија со сопругот порачувајќи дека уште од првиот ден верувале во победа и дека, како што вели заедно можат против сите неправди.

Приватно Арсовска е сопруга и мајка на еден син. Родена е во Скопје, 1979 година.  По дипломирањето на Правниот факултет, се дообразувала на универзитетите во Оксфорд и Шефилд. 

Пред да стане градоначалничка, Арсовска менаџираше со Сојузот на стопански комори од 2014 година до сега и е една од четирите жени носители на таа функција во светот.

Таа е дел од меѓународната мрежа на експерти во Г20 каде работи на креирањето на политиките за интегритет и усогласување на регулативата на најсилните економии во светот и е една од основачите на Македонската асоцијација на жени претприемачи.

Пред две години Арсовска е избрана за член во Бордот на Глобалниот комитет на жени лидери предводен од Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела. Таа е добитник на награда од Светскиот форум на бизнис-ангели, како најдобар пример кај жените во деловниот свет во Југоисточна Европа.

Во 2017 година е назначена за членка на судот за помирување и арбитража на ОБСЕ во Женева, Швајцарија, а исто така е и член на судот на постојаниот арбитражен суд во Хаг, Холандија од 2017 година. Во 2020 година, со согласност на Владата, Данела Арсовска стана почесен конзул на Унгарија.