Антикорупциска се разбуди, ќе се истражува набавката од 230 милиони евра за хеликоптерите на АРМ

По една недела молк Антикорупциска се разбуди и ќе ја истражува набавката од 260 милиони евра за армиските хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо„ .Татјана Димитровска, претседателката на комисијата за РСЕ потврди дека тие отвориле предмет за овој случај, но и за уште неколку актуелни случаи поврзани со набавки или активности пред изборите.

Набавката на овие хеликоптери доаѓа во време кога во државава има техничка влада и откако нејзините надлежни претставници излегоа со уверувања дека набавката на потребната опрема за модернизација на армијата е чиста како солза.

Дополнителен проблем е што изборите се веќе распишани и по 14-ти февруари речиси сите набавки што се прават во државава се под лупа на антикорупционерите.

Забраните се определени во Изборниот законик и во Законот за спречување на корупцијата каде што се регулираат условите за нови инвестиции, вонредни исплати, вработувања и слични други активности во изборен период.

За набавката на овие хеликоптери информираше министерката Славјанка Петровска која кажа дека набавката е чиста и дека постапката за избор на компанијата е почната од оглас објавен во 2019 година.

Додека власта излегуваше со уверување во исправноста на одлука за набавката на хеликоптерите потребни за модернизација на армијата, во дел од медиумите имаше информации дека на тендерот за хеликоптерите се пријавиле само двајца понудувачи со драматично различни понуди во цената и дека била избрана поскапата понуд.

„Наместо борбени хеликоптери, власта набавува транспортни, со што не ја зголемува борбената готовност на АРМ. Дополнително никој не знае како е избрана фирмата „Леонардо“, и зошто не се избрани другите компании меѓу кои американска компанија или германско-француски конзорциум. Како е извршен изборот и кој ја донел одлуката што всушност да се набави? Наместо трошење на 250 милиони евра пред избори, да се стопира набавката и по неа да одлучува идната влада“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Договорот меѓу Македонија и Италија за хеликоптерите, според најавите од Министерството за одбрана, требаше да биде потпишан деновиве, а се очекува хеликоптерите да пристигнат во периодот од втората половина на 2026 до крајот на 2028 година.

Меѓу 13. предмети во Антикорупциска комисија, поврзани со изборите, дел од нив се однесуваат и за незаконски вработувања, вонредни исплати на додатоци на плата, предвреме почната кампања, како и ангажирање лица за договор на дело.