На локацијата спроти ГТЦ нема да има шеесеткатници туку неколку згради не повисоки од 20 ката – вели за телевизија 24 бизнисменот Зоран Антиќ. Антиќ, иако ни ја претстави цела идеја, појаснувајќи дека ќе има и две до три нивоа подземен паркинг, сепак не сакаше да зборува пред камерите.

Наместо него деталите ги соопшти управителот на компанијата М.Г Фешн, која заедно со фирмата Обновители каде како бизнис партнер се јавува МПЦ ја купија и државната парцела. На идејното решение, покрај домашни ќе работат и архитекти од Италија, Америка и Англија со кои се во преговори.

„Не верувам дека ќе идеме со објекти кои се 60 ката мислам дека ќе одиме со неколку објекти кои ќе бидат околу 20 ката. Нормално тоа зависи од концепт – дизајн што го изготвуваат 3 реномирани странски проектантски фирми и кога ќе биде готов ќе го презентираме на пошроката јавност“ - вели Илија Божиновски – управител на фирмата МГ Фешн.

Околу стотина фамилии – имаат приватно земјиште на локацијата – и со дел од нив веќе се преговара. А МПЦ за земјиштето кое го отстапила ќе добие – 2 000 квадратни метри станбен и уште толку деловен простор. Но, доколку не реализира проектот – земјиштето ќе биде вратено на МПЦ.

„Ние сакаме да направиме еден современ комплекс или објект со мешовита намена домување и комерцијални односно деловни содржини. Да направиме нешто по што градот ќе стане препознатлив. Нешто современо и урбано, со примена на најсовремени материјали, дизајн кој е достоен за 21 век. Секако зелени површини зелени кровови и доста јавни содржини.“- вели Божиновски.

Идејата е да има и Шопинг галеријата чиј кров целосно ќе бдие претворен во парк со урбани содржини на кој најголем дел ќе посвети на зеленилото. А велат дека планираат и уредување на кејот на Вардар. На оваа атрактивна локација архитектот Кензо Танге многу одаман испланирал градба на кула од 30 ката која никогаш не се реализираше. Сега инвеститорот најавува дека истата ќе биде изградена доколку добие согласност од фамилијата на Кензо Танге. Истата треба да биде деловна зграда во која еден ден ќе биде посветен наликот и делото на познатиото архитект, а зградата ќе го носи името на Кензо Танге.

Бизнисменот Антиќ посочува дека во следните 10-тина дена идејата за тоа што планира таму да гради ќе му ја презентира лично до градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ. Во меѓувреме, Деталниот урбанистички план за оваа локација е под мораториум, а Богдановиќ вели дека се уште се работи на новиот план по што ќе се знае што и како би се градело на локацијата спроти ГТЦ, но и тој посочи дека 60 катници нема да има, иако кај дел од експертската фела има различни мислења околу тоа што треба да се гради на ова локација.