Алијансата за Албанците нема да оди на листа со ДУИ на избори

Алијанса за Албанците на претстојните избори ќе оди самостојно, изјави партискиот лидер, Арбен Таравари, откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети му понуди настап на изборите со заеднички листи.

Таравари кажа дека станува збор за одлука на партиското раководство, и дециден е дека дефинитивно Алијанса за Албанците нема да оди со ДУИ со заеднички листи, а тоа му го повторил и на Ахмети за време на последната средба.

„Се подготвуваме за самостоен настап и го мобилизираме членството. Тоа е мој и став на претседателството, а дали ќе се смени, тоа ќе биде јасно по седница на највисокиот орган на партијата“, рече Таравари.

Одлуката треба да помине и на централното собрание што ќе се одржи до крајот на оваа година.