Ако не се појави нов сој, ќе бидеме првата земја во светот која ќе достигне колективен имунитет, вели проф. Трајковски

Три недели по започнувањето на второто полугодие во училиштата, апсолвиран е порастот на преносливоста на заразата и се враќаме на патот на нормализација, смета професорот Дејан Трајковски во својата најнова ковид-анализа. 

-Останува проблемот со новите потсоеви и соеви, меѓутоа времето е прекратко од последниот бран за за почеток на нов, позначителен бран. Голем дел од популацијата има скоро прележано, но што е уште поважно - има по втор пат прележано, што дава подолготраен имунитет од заразување. Нов бран не би требало да се појави порано од 5 месеци по избувнувањето на моменталниот бран, но тоа би дошло во јуни, што се совпаѓа со почетокот на летото, така што растот на бројките не би требало да биде многу голем, анализира тој. 

Професорот потенцира дека со толку голем број на заразени од Омикрон сојот во светот, шансите за појава на нови опасни соеви на вирусот се сé уште прилично високи, па сé уште не е дојдено времето за целосно релаксирање и заборавање на превентивните мерки.

-Додуша, кај нас речиси и не се применуваат, така што дури формално целосно да се укинат, нема да се забележи некаква голема промена. Превисоката одвишна смртност, според која сме на второто, а можеби и првото место на светот, зависно од фактичкиот број на жители во државата, кажува дека ќе бидеме можеби првата земја во светот која ќе достигне колективен имунитет - под услов во меѓувреме да не се појави некаков нов сој којшто ќе го заобиколи тој имунитет, смета проф. Трајковски.