Проф. Трајковски: Со порастот на температурите, преносот на вирусите дополнително ќе се намалува

Професорто Дејан Трајковски во својата најнова ковид-анализа оценува дека од почетокот на неделава следиме неколку едноподруго денови со намалување на дневните броеви на новодијагностицирани.

-Преносливоста, мерена преку ефективниот репродукциски број Rt, после двонеделното осцилирање околу единицата, конечно тргна надолу, констатира тој. 

Тој смета дека времето работи за нас, па со порастот на дневните температури на воздухот и со повеќе време поминато на отворено, преносот на вирусите дополнително ќе се намалува.

-14-дневната инциденца сé уште е во зоната на четвртиот степен на ризик , но за неколку дена би требало да се намали под 120 случаи на 100.000 жители за 14 дена, со што би навлегле во понискиот, трет степен на ризик. Веќе можеме да ги правиме прогнозите и за максималниот вкупен број на случаи до крајот на овој бран. Од петтиот дијаграм, којшто во завршната фаза на бранот сé пострмо ќе се спушта кон нулата (значи, не експоненцијално), добиваме дека конечната бројка би требало да застане на околу 312 илјади случаи. Доколку не беше пролонгирањето поради БА2 сојот, претходните проекции беа за 300-305 илјади случаи, што и не е голема разлика, појаснува Трајковски. 

-Толку беше со постоечките соеви, а дали новите потсоеви (рекомбинанти XE, XF, XD) на омикрон сојот можат да направат некакво ново, помало избувнување, ќе видиме најпрво во Европа, пишува тој во својата ковид-анализа.