Ако имате бугарски пасош: Од 1 мај отпаѓаат визите за Канада

Бугарите, кои ги исполнуваат условите, ќе можат да поднесуваат барање за електронска дозвола за патување (eTA) наместо виза од 1 мај 2017година, соопштија од Амбасадата на Канада за Романија, Бугарија и Молдавија.

Новите правила стапуваат на сила во 16.00 часот по бугарско време.

Ова е прва фаза од елиминацијата на визниот режим и таа влијае врз Бугарите кои имале канадска виза во последните 10 години или кои во моментов поседуваат валидна неимигрантска виза за САД.

Од амбасадата дополнуваат дека поднесувањето на барањето е едноставен, ефтин (чини 7 канадски долари) онлајн процес кој трае само неколку минути. eТA важи за период до пет години и им овозможува на патниците да летаат или да транзитираат низ Канада колку често и да сакаат за краткорочен престој (обично за непрекинат период до 6 месеци) да учат, да транзитираат, за посета или за бизнис. Во повеќето случаи, eTA се издава во рок од неколку минути од поднесувањето на барањето.

Визите за сите бугарски граѓани ќе отпаднат конечно на 1 декември 2017 година. Од тој момент натаму, тие веќе нема да имаат потреба од виза за да патуваат до Канада, од воздух, копно или море, за престој до шест месеци. Сепак, како и другите туристи ослободени од визни барања,  ќе им треба eTA за да се качат на летот за Канада.

„Канада го цени особено многу партнерството со Бугарија. Поедноставување на процедурите за патување промовира подобро разбирање и создава повеќе можности за зајакнување на нашите витални меѓучовечки, бизнис и туристички врски“, рекол амбасадорот на Канада во Бугарија Кевин Хамилтон, пишуваат бугарските медиуми.

Дополнителни информации ќе бидат обезбедени на веб-страницата на Министерството за имиграција, бегалците и државјанството на Канада во ноември 2017 година.