79 години слободно Ѓорче - Стојкоски им се поклони на хероите

Општина Ѓорче Петров денеска го чествува 14 Ноември - Денот кога Ѓорче Петров беше ослободено во антифашистичката борба пред 79 години.

- Во денешните современи времиња, ова е наш начин да искажеме почит за сите борци за слободна држава, да се потсетиме на минатото и нивната љубов кон татковината, која донела непресушна желба за битка за слободата. Гордост е да се биде дел од историја која ја одбележува единство и заложби на борците за слободно и демократско општество. 14 Ноември е ден по ослободување на градот Скопје и продолжена борбена рака за слободен град и слободни општини. 79 години по битките на борците за ослободено Ѓорче, ние живееме демократски и ги уживаме сите привилегии на современиот систем, порача денеска на чествување првиот човек на општината Александар Стојкоски. 

- Живееме во држава која не ни е поклонета, туку држава за која нашите предци го положија животот и тоа никогаш не смееме да го заборавиме. Свесен сум дека нема идеално и оти тешко се постигнува идеалот, но убеден сум дека сме на добар пат да оствариме значителни проекти кои ќе донесат јавно добро, модерно и урбано Ѓорче. 21-виот век носи поинакви заложби за успех од оние пред 80 години. Успехот денеска се мери со остварени резултати, и токму тоа е наша задача во следните години. Ѓорче Петров дефинитивно го чекаат добри времиња, додаде тој. 

- Положувањето живот во битка за слобода во која силно веруваш е врвот на херојството. Вечен нека е споменот за партизаните и сите македонски херои чии имиња се испишани на спомениците низ Ѓорче Петров и на кои се поклонуваме со особена чест кон нив и нивните дела, порача во говорот Стојкоски.