78 дена страв: Денеска се одбележуваат 25 години од нападот на НАТО на соседна Србија

На денешен ден во 1999 година започна операцијата против Србија и Црна Гора, која траеше 78 дена.

Денеска, соседна Србија се сеќава на операцијата под кодно име „Милосрден ангел” во која загинаа над 3500 граѓани, од кои 2500 цивили и над 1000 претставници на Полицијата и Армијата. Ранети беа повеќе од 13000 граѓани.

Лидерите на НАТО тврдеа дека главната причина за воздушната операција против Југославија (со кодно име Сојузни сили) е спречување на геноцид врз Албанците на Косово. Според НАТО, за време на 78-дневната операција, неговите борбени авиони извршиле повеќе од 38.000 летови, вклучително и 10.000 бомбардирања.

Употребата на куршуми со осиромашен ураниум и друго забрането оружје претставуваше долгорочна опасност за луѓето и животната средина, чии последици и денеска се чувствуваат во целиот регион. Материјалната штета изнесува 100 милијарди долари. Бомбардирањата на нафтените рафинерии и петрохемиските погони предизвикаа загадување на водните акумулации и реките со токсични хемикалии.