67 вакцини со погрешни декларации, “Македонијалек” ќе плати казна од 25.000 до 50.000 евра

Одземање на дозволата за работа на „Македонија лек”, раскинување на сите договори со компанијата или парична казна од 25 до 50.000 евра. Според министерот за здравство ова се можните санкции за увозникот на МРП-вакцините ако се покаже дека пропустот можел да се превенира.

По реакција на родител на социјалните мрежи дека вакцините се со поминат рок, вонредниот инспекциски надзор во пунктот во Демир Хисар покажал дека на шеесетина пакувања декларациите на кирилица биле со рок до 10 месец 2018, а на оригиналните кутии рокот бил до мај ова година.

Министерот за здравство д-р Венко Филипче уверува дека вакцините се безбедни и квалитетни и најави дека за овој пропуст ќе го известат и производителот Глаксо Смит Клајн.

Одговорност ќе се бара и од Здравствените домови кои не ја увиделе грешката кога им биле доставени спорните вакцини.

– Ќе преземеме се што е во рамки на нашето делување и ако се покаже пропуст ќе се разгледа можноста за раскинување на сите договори со компанијата увозник и дистрибутер на МРП-вакцините и за одземање на дозволата за работа – изјавиФилипче.

Филипче најави дека ќе инсистира овој случајот што побргу да се расчисти.

Од инспектори од МАЛМЕД ќе ја контролираат целата документација во „Македонија лек“.Директорот на агенцијата за лекови тврди дека ваква техничка грешка досега не се случила.

– Кога ќе ги собереме сите количини вакцини со таква декларација ќе постапиме кон фирмата, изјави Ќахил Ибраими директор на МАЛМЕД.

Од „Македонија лек“ изјавија дека и тие спроведуваат внатрешна истрага во компанијата. Признаваат дека била направена техничка грешка со декларациите.

– Нашата компанија се извинува за овој пропуст и непријатностите кои биле предизвикани. Овие пакувања се веднаш повлечени како не би правеле понатамошни забуни во јавноста и соодветно ќе бидат заменети. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок, соопштиjа од Македонијалек.

Попладнево граѓани кои се залагаат вакцинацијата да биде слобода на избор повторно се собраа на протест пред министерството за здравство.

Денеска на Инфективната клиника биле хоспитализирани уште 2 деца со морбили. Едното 18 месечно од Чаир, а другото 4-годишно од аеродром. И двете деца оделе во градинка и не биле вакцинирани со МРП, информираше министерот за здравство. Се чекаат лабораториските анализи за уште 2 сомнителни случаи на 28 и 30 годишна возраст. Досега потврдени се 19 заболени од мали сипаници.