Второто полугодие ќе почне на 23 јануари 2017 - деновите ќе се одработуваат во саботите

Првиот ден од второто полугодие на учебната 2016/2017 година наместо на 18-ти ќе биде на 23 јануари 2017 година. Министерството за образование и наука ја прифати мерката предложена од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести да се пролонгира зимскиот распуст за да се избегне опасност од ширење на грипот.

- Врз основа на сиот ризик што постои од грипот, предложената мерка е прифатлива за Министерството за образование и наука, изјави заменик-министерот Спиро Ристовски на прес-конференција, додавајќи дека МОН за одлуката денеска ќе ги извести сите училишта во државата.

Посочи дека двата дополнителни дена од зимскиот распуст, 18-ти и 20 јануари 2017, учениците ќе ги одработат во сабота, најверојатно во март и во април, за да се исполни вкупниот фонд од 180 наставни дена во учебната година.