Во Триангла, Гази Баба, се одржува традиционалниот турнир во мал фудбал "8 Септември", кој се одржува по повод Денот на независноста на Република Македонија.
Ова е 10-то јубилејно издание на овој турнир, кој и оваа година се одржува на спортското игралиште во населбата Триангла, а истото е финансиски поддржано од страна на Градот Скопје и Општина Гази Баба.
- Градот Скопје и Општина Гази Баба како покровители на овој настан, Ве покануваат во наредните триесетина дена на еден од најголемите турнири во мал фудбал во Македонија, низ фер-плеј игра и фудбалски мајстории, заедно да се дружиме и да им дадеме поддршка на овие фудбалери. Радува податокот дека секоја година се пријавуваат се повеќе екипи од повеќе општини од Скопје и од Македонија, дека одгласот во публиката е се поголем, а дека за афирмацијата на турнирот, покрај организаторите и покровителите, секако се заслужни и бројните спонзори кои обезбедија вредни награди - кажа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
На турнирот "8 Септември" оваа година учество ќе земат над 50 екипи, кои ќе се натпреваруваат во 8 групи, при што најдобрите 4 екипи од секоја група ќе поминат во елиминационата фаза.