Околу 4.500 македонски граѓани, претежно млади, во моментов се на привремена работа во Катар, држава која од почетокот неделава е под блокада на земјите од Перскискиот Залив.
Кризата почна на 4 овој месец кога повеќе заливски држави ги прекинаа дипломатските односи со Катар, го изолираа и прекинувајќи ги авионските и бродските врски целосно го отсекоа од остатокот на светот. Нивното официјално објаснување е дека тоа го сториле затоа што Катар го финансира радикалниот екстремизам и со тоа го дестабилизира целиот блискоисточен регион.
Поради ваквиот развој на ситуацијата, македонското Министерство за надворешни работи упати совет до македонските граѓани пред патување во и од Катар, да го контактираат авиопревозникот, да се информираат за можните промени во термините и за начинот на нивното патување, а во случај на потреба, да се обратат до Амбасадата на Република Македонија во Доха или директно во Министерството за надворешни работи на РМ.
Оттаму ги посочуваат контакт телефоните во МНР + 389 2/3110 322 и + 389 2/3110 333, и во Македонска амбасада во Доха 00 974 5006 7044.
Во целата оваа ситуација под прашање се става и реализацијата на авионската линија Скопје - Доха и обратно, што од 17 овој месец, поточно од следната сабота, треба да ја реализира Катар Ервејс. Букирањето на билетите е во тек, но се уште нема официјална информација дали овие летови ќе се реализираат.