Денеска се слават Младенци - празник на младите брачни парови и на пролетта

Според календарот на МПЦ денеска е 9 март, ден кога се одбележува споменот за Четириесетте Севастиски маченици – Младенци.

Овие 40-мина беа римски војници. За време на гонењето од страна на Ликиниј кој владееше со источниот дел од Римското царство заедно со Диоклецијан, тие беа изведени пред суд заради нивната вера, а потоа ставени во замрзнато езеро и оставени таму преку целата ноќ. Кога следното утро војсководецот ги најде живи, ги погуби и нивните тела ги фрли во водата за да останат непогребани. Но, три дена подоцна локалниот Севастиски епископ ги извади моштите од водата и чесно ги погреба. Пострадаа околу 320-та година. 

Празникот го слават сопружниците во првата година од бракот, оние кои се венчале после 22 март претходната година. На тој ден младенците во својот дом примаат гости, кои им донесуваат подароци. 

Треба да се напомене дека Младенци секогаш паѓаат во време на постот, така што и гозбата која се подготвува тој ден треба да биде посна поради здравје и напредок на децата на младите сопружници.

Се верува дека „Какво е времето денес, такво ќе биде цела пролет“.