Денеска е 40 Севастиски маченици – Младенци

Празникот на пролетта 22. март младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината.Истиот ден Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за Христовата вера.

Именден празнуваат: Младен, Младенка…

Празникот на пролетта 22. март младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината.
Младенци ги слават сопружниците во првата година од бракот, оние кои се венчале после 22 март претходната година.
На тој ден младенците во својот дом примаат гости, кои им донесуваат подароци. Тој ден младите домаќинки ги покажуваат своите уметности и знаење.

Младенци се посветени на спомените на страдањето на Светите четириесет војници кои во 230 година, за време на цар Ликиниј преминале во христијанството и покрај исклучителната забрана на царот.

Овој празник во црквениот календар е обележан со црни букви. Младенци е празник со многу обичаи во Македонскиот народ. На овој ден жените стануваат рано и месат четириесет колачиња, кои се нарекуваат младенчиња, и симболизираат долг, среќен и сладок живот. Младенчињата се премачкуваат со мед, домаќинките ги нудат на децата и на сите кои дојдат во куќата пред пладне.
Посетувањето на младенците и донесувањето на подароците, е обичај од модерните денови, кој настанал во градот, но и секое село многу брзо го прифатило. Се смета дека на Младенци треба да дојдат сите оние кои биле на свадба, но во пракса сепак е поинаку. На Младенците тој ден на гости им доаѓа само најблиското семејство и пријатели.

Треба да се напомене дека Младенци секогаш паѓаат во време на постот, така што и гозбата која се подготвува тој ден треба да биде посна поради здравје и напредок на децата на младите сопружници.
Се верува дека „Какво е времето денес, такво ќе биде цела пролет“.

Светите четириесет маченици во Севастија

Сите овие беа војници во римската војска, но цврсто веруваа во Господ Иисус Христос. Кога настана гонење, во времето на Ликиниј, ги изведоа на суд пред војводата, а тој им се закани дека ќе им ја одземе војничката чест. На ова еден од нив, свети Кандид, одговори: „Не само војничката чест туку и телата земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос“. По ова војводата им нареди на слугите да ги каменуваат овие светии.

Но кога слугите фрлаа по нив камења, камењата се враќаа сами и паѓаа врз тие што ги фрлаа, па луто ги изудираа. Еден камен му падна на војводата в лице и му ги скрши забите. Мачителите, лути како ѕверови, ги врзаа светиите и ги фрлија во тамошното езеро и поставија наоколу стражари за ниеден да не излезе од водата.

Имаше силен мраз, езерото мрзнеше околу телата на мачениците. За да бидат маките посилни, мачителите загрејаа и осветлија бања покрај езерото близу до страдалците, за тие гледајќи ја некако да се подлажат и да се одречат од Христа и да ги признаат римските идоли. И навистина, еден се опрелести, излезе од водата и влезе во топлата бања.

Но, ноќта падна една необична светлина од небото, па ја загреа водата во езерото и телата на мачениците, а со оваа светлина од небото се спуштија триесет и девет венци врз нивните глави. Ова го виде еден од стражарите на брегот, па се соблече, го исповедаше името на Господ Иисус Христос и влезе во езерото за и самиот да се удостои со четириесеттиот венец на предавникот. Врз него навистина слезе тој последен венец. Утредента сиот град се изненади кога ги виде мачениците живи. Тогаш злобните судии наредија и ги претепаа, а телата им ги фрлија во водата за да не ги земат христијаните. На третиот ден светите маченици му се јавија на тамошниот епископ Петар и го повикаа да ги собере од водата и да ги извади нивните мошти. Епископот излезе ноќе по темнина заедно со својот клир и по водата видоа како светат моштите на мачениците. И секоја коска што беше одвоена од нивните тела исплива на површината и светеше како свеќа. Ги погребаа чесно. Нивните души отидоа кај Господ Исус, намачен за сите нас и воскреснат со слава. Чесно пострадаа и стекнаа непропадлива слава во 320 година. Нивните имиња се: Кирион, Кандид, Домн, Исихиј, Ираклиј, Смарагд, Евноик, Валент, Вивијан, Клавдиј, Приск, Теодул, Евтихиј, Јован, Ксантиј, Илијан, Сисиниј, Ангиј, Аетиј, Флавиј, Акакиј, Екдикиј, Лисимах, Александар, Илија, Горгониј, Теофил, Дометијан, Гај, Леонтиј, Атанасиј, Кирил, Сакердон, Николај, Валериј, Филоктимон, Северијан, Худоион, Мелитон и Аглаиј.