Живее на петти кат, а лифтот не работи со години - пациентка со церебрална парализа заробена во својот стан

Станарите од социјална зграда на улицата „Смилевски Конгрес“ во Битола живеат „заробени“ во своите станови поради расипаниот лифт, а меѓу нив е и 38-годишна жена со церебрална парализа.

Седумкатницата има 20 станови, од кои 15 се социјални, за кои станарите плаќаат на државата, па одржувањето на лифтот се во надлежност на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор.

- Ќерка ми има церебрална парализа. Нема излезено две години надвор на воздух. Мора да носиме доктор дома. Живееме на петти кат, лифтот е расипан и таа не може две години да излезе од својот стан. Надлежните ништо не преземаат, раскажува мајката Калина Димитриевска.

Еден од станарите вели дека добиле ветување за лифтот и истиот требало да биде поправен до овој месец, но тоа не се случило.

Од јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор велат дека била почната постапка за поправка на лифтот веднаш откако утврдиле дека е неисправен, а објавен е и тендер за негово одржување и сервисирање.