Жестока дебата: Дали воспитувачките и негувателките заслужуваат повисоки плати?

На генералниот штрајк на 11 април, меѓу другите вработени во образование, ќе се приклучат и воспитувачките и негователките од градинките.

Родителите веќе размислуваат како да ги згрижат децата, а на социјалните мрежи на големо се дискутира за правата и обврските на оваа категорија на образовни работници.

Поддршка, но и жестоки критики, од страна на родителите. Едни ги поддржуваат заложбите за повисоки плати за оние кои им ги чуваат децата речиси цел ден, додека други критикуваат дека работата им е, како што велат, пријатна, па во споредба со други занимања е и соодветно платена.

-Значи во Виена протестираа пред недела дена и најавија дека не работи градинката тој ден. И Точка. Згрижи си го детето затоа што има штрајк. И тоа е еден ден. Ќе се снајдат родителите за еден ден. Место да ги платат повеќе, деца ни чуваат тие луѓе, го сподели својот став една мајка.

Друга мајка, со став во иста насока.

- Јас како родител моето дете нема да го носам во градинка. Имаат целосна подршка. Среќен воспитувач, среќно дете.

-Секоја работа си има своја тежина, така чување и воспитување е една од потешките поготово 30 деца. Има родители кои дома со две не можат да се справат, а ги напаѓаат воспитувачките. Воспитачките сносат одговорност за 30 деца одеднаш и тоа деца на многу чувствителна возраст, појаснува една воспитувачка.

-Ако ги згрижуваат тогаш не би бил штрајк. Штрајк се организира токму затоа, да се притисне народот и да се притисне власта. Штрајкот е уставно загарантирано право, коментира еден граѓанин.

Има и такви кои сметаат дека сегашните плати се соодветни на трудот на воспитувачките.

-Слободни викенди и празници, платен зимски и летен одмор, на топло, редовна плата. Ние за 18.000 денари кои сме вработени во приватен сектор, во фабрики и во маркети, ги немаме тие привилегии. Така што сметам дека треба да има систем на заслуги – оние кои се трудат навистина и имаат професионален пристап кон децата и родителите да добијат повисоки плати, но не и сите на кои често работниот ден им „дојди ми – пројди ми“, вели една жена, која работи како продавачка во маркет.

-Најискрено порано се вработуваа со соодветна стручна спрема, сега ги вработуваат партиски без разлика дали ги бива со деца или не. Изминативе две години, поради корона мерките, чуваа по 10 деца во група, не по 30, така што не се многу преморени, коментира еден граѓанин.