Зелени покриви за почист воздух во Скопје

Во Скопје почна да се изведува концептот за покриви засадени со трева и дрвја. На врвот на зградата може да има и патеки, разна вегетација, жардиниери со цвеќиња, со што дополнително се поттикнуваат нови еко идеи за презаситеноста на скопјани од бетон и асфалт.

Наоѓањето решение за проблемот со загадувањето не е едноставно и лесно. Но постојат начини што можат малку да го ублажат. Еден од нив е концептот на зелени (градини) покриви. Вакви иницијативи за подобрување на животната средина, во одредени држави одамна се реализираат. На некои од нив целта не им е само подобрување на квалитетот на воздухот туку и намалување на емисијата на јаглерод диоксид.

Со зелениот покрив се подобрува климата, се намалува прашината, се задржува водата при врнежи, се подобрува и звучната изолација, а најважно е што навистина се чувствува разлика во воздухот што го дишеме.

Низ градот можат да се забележат неколку вака облагородени индивидуални куќи, станбени и комерцијални објекти. Мини-градина го разубави и покривот на зградата спроти соборниот храм „Св. Климент Охридски“.

Покривите со вегетација на врвот од Халк банка, приватното училиште „Нова“, неколку индивидуални домови на Водно и Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево се дело на фирмата „Зепекомак“.

Проблемот со аерозагадувањето е горчлива тема на Скопје, бидејќи веќе е на листата на најзагадените градови во светот. Можеби ваквите иницијативи сами по себе нема да го решат проблемот, но, сепак, со преземање чекори од граѓаните и од локалните власти може да се потпомогне за намалување на влијанието на штетните честички во воздухот.

Концептот за зелените покриви станува се попопуларен во светот, иако датира уште од поодамна. Нуди топлинска изолација преку целата година, додека во лето температурата на класичните покриви може да достигне и до 65 Целзиусови степени, кај зелените покриви таа е 16-17 степени. Тие овозможуваат и до 20 проценти помала потрошувачка на енергија за греење и ладење на домот под нив, а го продолжуваат векот на траење на покривот, бидејќи го заштитуваат од штетно ултравиолетово зрачење.