Завршен планот за скрининг од следната недела, ќе се анализира скокот во бројот на нови заразени

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 33 новозаболени од коронавирусот, што бележи скок на нови позитивни на вирусот во последните неколку дена.

Според министерот оа се резултати од само еден ден и од нив засега не може да се извлече заклучок за скокот. – Во неколку наврати имавме слични сценарија со значајно мал, но и значајно голем број заболени, во еден момент имаше и над 100 новодијагностицирани, рече министерот, додавајќи  дека денеска и утре ќе направи анализа за причините.

Вчера беше регистриран и уште еден починат пациент – на 70-годишна возраст од Велес, кој од 4 мај бил хоспитализиран на инфективното одделение во болницата во Велес  Со него, вкупниот број на починати од заразата достигна 89. Од почетокот на епидемијата во земјава,  потврдени со КОВИД-19 се 1572,  оздравени се 1079, а активни случаи има 404.

Министерот Филипче соопшти дека Центарот за јавно здравје-Скопје и Институтот за јавно здравје го завршиле планот за скрининг кој треба да почне следната недела. Се работи за околу 400 до 500 тестови согласно со индикациите по критични групи на граѓани.

Ќе бидат опфатени здравствени работници, вработени во градинките, во домовите за стари лица во прва фаза, понатаму и припадници на полицијата, возачите во ЈСП, таксистите, вработените во јавни служби, пациентите пред хоспитализација, пациенти коишто треба да примат биолошка терапија односно категории за кои е важно да се процени ризикот и да се идентификуваат асимптоматските носители.

Скринингот ќе се прави со ПСР-тестовите преку матичните лекари. Во договор со Стоматолошката комора, брисови ќе се земаат и преку матичните стоматолози.