Започна лидерскиот Самит „Отворен Балкан“ во Белград

Со поздравни обраќања на премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама денеска во Белград започна лидерскиот Самит „Отворен Балкан“.

-Справувањето со енергетската криза, снабдувањето со храна и подобрувањето на регионалната соработка и инвестициската околина се денешните важни теми за разговор, напиша на официјалниот фејсбук профил премиерот Димитар Ковачевски.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во Палата Србија ќе се одржи политичкиот дел од Самитот „Отворен Балкан“, по кој српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот и албанскиот премиер Димитар Ковачевски и Еди Рама ќе одржат прес-конференција. На него ќе присуствуваат и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија и министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, Петер Сијарто и Мевлут Чавушоглу.

На Самитот, како што е најавено, дел од ресорните министерства на трите држави ќе потпишат договори меморандуми за соработка и тоа: Договори за соработка во областа на механизмите за обезбедување на храна во Западен Балкан помеѓу министрите за земјоделство на трите држави; Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности помеѓу министрите за култура; и Оперативен план во областа на цивилната заштита помеѓу директорите на трите држави.