Замрзнати ветувања за загадениот воздух: Од 39 мерки, остварена само 1 во мандатот на Шилегов

Мерките против аерозагадувањето кои беа ветени уште во 2017, не се исполнуваат. Активистите тропаат на портите на Град Скопје, но одговори нема. Утрово Скопје повторно се најде на топ-листата на најзагадени градови во светот и тоа на третото место, а градоначалникот Петре Шилегов не одговара на нашите повици. Според последните достапни податоци, од 39 ветени мерки, исполнета е само една, jaвува ИРЛ.мк.

Локални избори, октомври 2017 година. Времето е студено, воздухот е густ како тесто, мириса на чад.  Почнува уште една сезона на неподносливата леснотија на секојдневието со којашто живеат жителите на, со години по ред, водечкиот град во светот по степенот на загаденост.  Петре Шилегов и Коце Трајановски се во трка за градоначалничката фотелја, а загадениот воздух во овие моменти е највисоко на агендата. Граѓаните се загрижени, зимата и аерозагадувањето се на прагот, а решенија се уште нема. Но, барем се зборува за тоа. Граѓанската иницијатива „О2 Коалиција“ изреволтирана од игнорантноста на надлежните со години и години наназад, бараат од сите кандидати за градоначалник да потпишат обврзување дека ќе ги исполнат 39те мерки предложени од невладините, за справување со енормната загаденост. Кандидатите за градоначалник го потпишуваат обврзувањето без збор. Меѓу нив и градоначални победник – скопскиот адвокат Петре Шилегов.

Денес градоначалникот Петре Шилегов е 736 денови на должност, што е малку повеќе од 2 години. На половина пат на својот мандат, Град Скопје под негово водство досега има остварено вкупно 1 мерка.

Започнати се 19 мерки, а воопшто незапочнати, исто така 19 мерки. Вреди да се напомене дека таа една мерка која е остварена, всушност не е преземање на акција, туку е запирање на акција. Единствената мерка која е остварена се однесува на прекин на користење калциум магнезиум ацетат за прскање на улиците кои се во надлежност на Град Скопје.