„За пијачка и храна се чека и по еден час“, ноќниот живот „преживува“ без угостителски персонал

Одливот на угостителски персонал во соседните земји си го направи своето. Кафулињата и ресторани „дишат на шкргри“, а во Скопје за пијачка или храна се чека и по 1 час. Угостителските објект мака мачат за да ги услужат гостите.

Туристичкиот сектор изминатите денови го вклучи алармот. Ако не се најдат 20.000 работници половина ресторани и хотели ќе стават клуч на врата. Проблемот од недостаток на кадар за сега ќе биде ублажен со 5.000 работници од Турција. Тие се согласиле да работат во земјава како келнери, собарки, рецепционери за македонска плата до 600 евра. 

Но, не само во туристичките места, состојбата е алармантна и во Скопје. Во популарните ноќни клубови сопствениците тешко стигнуваат до персонал за работа, а гостите половина вечер поминуваат без пијачка и храна.

„За да нарачаш пијачка се чека од половина до еден час, додека ја добиеш пијачка ќе помине уште толку време, особено во денови кога има поголема гужва“, вака скопјанка го раскажува своето искуство со еден од најпопуларните локали во Скопје, каде гостите речиси цела вечер мака мачат да порачаат.  И не само таму, слична е состојбата и на многу други места во градот. Веројатно, менаџерите дозволуваат во локалот да влезат повеќе гости од предвидениот капацитет, а располагаат со помалку персонал, додава таа и вели дека ваквата состојба е разочаравачка за гостите и апелира што поскоро угостителите да најдат решение за овој проблем.

Еден од менаџерите на познат скопски ресторан вели дека состојбата на пазарот наложува зголемување на платите на келнерите и куварите и само така може да се задржи квалитетниот кадар. Тој додава дека за квалитетна услуга нема штедење и тоа е формулата за задоволни гости и клиенти.

Недостатоците на пазарот на трудот се јавија откако оваа година, голем дел од македонските работници заминаа на работа во Хрватска, каде платите достигнуваат и до 2.000 евра. Но, македонските газди во моментов не можат да ги дадат овие плати, затоа што цените на услугите тука се далеку пониски.

- Во хрватска едно кафе е 15 евра, тука е 2 евра не може 2.000 евра да плаќаме плати со 2 евра кафе, не може стандардот да го смените. Се надеваме дека и ние ќе имаме за неколку години вакви плати. Една пица е 60 евра во хрватска ние тука немаме таков комфор, велат од стопанската комора од каде додаваат дека високата цена на струјата дополнително влијае на зголемените трошоци на угостителите.