За пет држави не ви треба меѓународна возачка дозвола

Со цел да се олесни движењето на граѓаните, Владата го усвои Извештајот за извршени преговори меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за реципрочно признавање на возачки дозволи.

Македонка која патувала со сопствено возило во Србија била казнета од српската полиција бидејќи немала меѓународна возачка дозвола. Жената попусто се обидувала да им објасни на сообраќајците дека таков документ не и е потребен поради тоа што Македонија и Србија имаат договор за меѓусебно признавање на националните возачки дозволи. Полицаецот не сакал да попушти. Не и поверувал дека билатерален договор е верификуван уште од 2014 година и дека веќе три години, за двете земји важат националните возачки дозволи, па затоа и пишал казна. Немајќи избор, Македонката ја платила казната но, веднаш потоа случајот го пријавила во српската амбасада во Македонија како и во македонската амбасада во Србија.

Дека за патување во Србија не е потребна меѓународна возачка дозвола, потврдуваат и од Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека националните биометрички дозволи реципрочно, врз основа на потпишан билатерален договор се признаваат уште и во Италија, Шпанија, Албанија и Црна Гора.

Во овие држави, наш државјанин не може да биде казнет за непоседување меѓународна возачка дозвола, освен ако казната се однесува на друг прекршок. Во такви случаи се контактира македонско дипломатско конзуларно претставништво во таа држава, информираат од МВР.

Меѓутоа, потсетуваат дека доколку летувањето е во Грција или Хрватска, тогаш, возачот мора да има меѓународна дозвола.

Врз основа на поднесена апликација за признавање на македонска национална возачка дозвола, во тек е постапка со Австралија и Нов Зеланд, информираат од полицијата.

Македонските граѓани во Германија ќе почекаат да се усогласи билатералниот договор меѓу двете земји кој ќе им овозможи признавање на нивните матични возачки дозволи.

Во врска со меѓународната дозвола новина од 1 јули годинава е тоа дека покрај досегашните документи потребна е уште и потврда од МВР за прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило. Овој документ е доказ дека возачот нема евентуални забрани за возење во некоја странска држава и ќе се издава од страна на МВР во МРТВ, односно во местото на живеење на возачот. Чини 50 денари административна такса која не е пресметана во сумата од околу 900 денари која досега се плаќаше.

- Граѓаните треба да бидат информирани дека за патување со автомобил во странство, се потребни неколку меѓународни документи како што се зелен картон, овластување за управување со туѓо возило, патничко осигурување и меѓународна дозвола, информираат од МВР.