За неплатените сметки повисока камата

Казнената камата од први јули е повисока за 0,75 отсто. Народната банка ја објави новата референтна стапка за пресметување на стапката на казнената камата за периодот од први јули до 31 декември, и таа изнесува 4 проценти. Врз основа на тоа, стапката на казнената камата во денари во договорите во кои барем едно лице не е трговец, изнесува 12%, а казнената камата во денари во трговските договори и во договорите помеѓу трговци и лица на јавното право, изнесува 14%.

Банките од први имаат нови казнени камати.

Комерцијална банка соопшти дека "со цел усогласување со новата законска казнена каматна стапка за обврски во денари, беше извршено зголемување на каматните стапки на дозволеното пречекорување на трансакциски сметки, како и на искористениот лимит на кредитните картички со денарски сметки од 0,4 до 0,75 процентни поени".

Што значи, каматата за дозволениот минус на трансакциска сметка сега изнесува 11,95%.За обврските во девизи, каде што казнената камата се пресметува врз основа на Еурибор стапката за евра, Комерцијална банка изврши намалување на каматните стапки на искористениот лимит на кредитните картички со девизни сметки, како и на каматните стапки на дел од кредитите за физички лица со девизна клаузула од 0,05 до 0,1 процентен поен.

Другите банки не ги соопштија корекциите.

Се зголемува и казнената камата за доцнењата со плаќање на сметките за струја, вода, парно."'ЕВН Македонија' има законска обврска да ги имплементира промените за пресметување на казнената камата согласно со референтната стапка објавена од НБРМ. Промената е веќе имплементирана од 1 јули 2016 година", ни изјави ЕВН.И од скопски "Водовод" потврдија дека од први јули ја применуваат новата законска казнена камата.