Вртелешката пред МНР замина во Чаир (фото)

Се отстранува вртелешката спроти Министерството за надворешни работи во центарот на Скопје. Размонтирањето започна завчера, а екипи на Град Скопје веќе ги отстранија детските реквизити и покривот на каруселот.

Истовремено на местото на поранешната вртелешка на плоштад “Македонија”, која претходно беше размонтирана, багер вчера ја отстрануваше и бетонската платформа на која таа беше поставена.

Првиот карусел што беше отстранет е преместен во Општина Аеродром, во паркот кај авионот во Ново Лисиче. Вториот што во моментов се размонтира во план е да биде преселен во Општина Чаир. Сепак, нејасно е како ќе работи вториот карусел бидејќи тој е во неисправна состојба и никогаш не проработи.

Прокиснуваше покривот на вртелешки спроти зградата на Министерството за внатрешни работи. Во функција беше ставен само десетина дена, но веднаш покажа технички недостаток. Два пати дојде до протекување на покриво на каруселот додека врнело дожд. Поради опасноста водата да навлезе во инсталацијата на вртелешката и да предизвика струен удар, реквизитот воопшто не проработе.

Двете вртелешки беа поставени кога со Град Скопје управуваше претходниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски. Двата карусела се дислоцираат со одлука на скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Објаснувањето беше дека оваа одлука е донесена првенствено по барање на велосипедистите со цел да им се остави поголем простор за движење. Според Град Скопје овие рекреативни елементи го блокираат движењето на пешаците и велосипедистите по кејот. Сепак вртелешката на плоштад “Македонија” беше омилена кај најмалите кога родителите ги шетаа низ центар, па честопати се возеа на коњчињата и во корпите. Заради интересот од најмалите, вртелешката покажа економска исплатливост.