Во Скопје посетете ги чаршијата, Дебар Маало и Матка, во Охрид пробајте пастрамка – Весна Коцевска со совети за туристите

Весна Коцевска од Охрид е туристички водич и травел-блогер. Нејзиниот шарен Инстаграм профил ќе ве освои од прва и ќе ве инспирира да тргнете во авантура! 

За нејзиниот Охрид, но и за Скопје и другите уникатни места кои ги нуди земјава, како и за патувањата надвор од земјава разговараме со Весна, која несебично споделува совети како да се организирате за патувањата! 

Работите како туристички водич, а живеете во Охрид. Најпрвин би ве прашала за предизвиците во вашата работа. Што е убаво во оваа професија, а што ви пречи?

За мене најголем предизвик е сезоналноста на работа, односно презафатен период во сезона наспроти период од годината со помалку или речиси без работа. На тоа се надоврзува и отсуството од дома кога се оди на подолги тури, особено за водичите кои имаат деца. Тоа што се работи со голем обем на луѓе со различни карактери и очекувања може да биде предизвик, но тука е многу важно искуството и способноста за полесно соочување со можните проблеми.

Позитивните страни се побројни. Самата работа со туристи од различни земји и претставување на убавините на нашата земја, иако некогаш може да биде исцрпувачки, сепак многу исполнува и влијае позитивно на проширување на видиците и полесно прифаќање на другите народи и култури. Ова на некој начин е слично како влијанието што врз нас го има самото патување, само што во овој случај ефектот се постигнува со учење на другите култури преку туристите со кои работиме. Позитивната страна се гледа и во постојаното учење и надоградување. Како и учење за други дестинации кога патуваме како придружници со македонски туристи надвор од земјата.

Патувате многу и верувам дека тешко е да се одвои една омилена дестинација. Сепак има места кои имаат посебна енергија. Кога би требало да изберете едно такво кое би го посочиле?

Ова прашање ми е секогаш најтешко да го одговорам, бидејќи сакам доколку е можно да патувам на различни дестинации. Но сепак некои се повторуваат, односно се различни места во иста земја. Тоа се Италија и Турција. И во двете земји баш ја чувствувам таа посебна енергија и чувство на сигурност и дека сум добредојдена. Што не значи дека не било така и на други места. Јас всушност многу сакам да патувам и низ нашата земја, како и останатите балкански земји, на викенд или кратки патувања. Од секое патување може нешто да се научи и секоја дестинација е убава на свој начин. А поради мојата работа најчесто патуваме вон сезона, што дава можност да се избегнат гужвите и верувам најчесто е подобро искуството отколку ако истите се посетат во сезона.

Актуелни се патувањата по повод денот на вљубените и традиционалните осмомартовски понуди? Кој е вашиот предлог? На што треба да внимаават туристите при изборот на понудите?

Ова е навистина убав период да се оди на кратки патувања, кои често и јас ги водам. Мојата дестинација како водич за овој 8 Март ќе биде Романија и е навистина одличен избор. Секако изборот зависи од желбите и можностите. А треба да се обрне внимание пред сѐ на изборот на агенцијата со која се патува. Добро да се проучи програмата да нема недоразбирања подоцна или превисоки очекувања кои не биле исполнети. Доколку се патува во сопствена режија треба да се истражи детално дестинацијата. И она што е исто многу важно е да не се чека последен момент да се букира, затоа што за празниците најбрзо се пополнуваат седиштата и се полнат хотелите. За овие патувања исто така споделувам повеќе на мојот Инстаграм профил Whisper.ves.

Гастрономската понуда е секогаш важна за туристите. Што да пробаат оние кои го посетуваат Охрид?

Во однос на храната мора да се проба надалеку познатата Охридска пастрмка, повеќето туристи уште пред да дојдат знаат дека треба да ја пробаат нашата пастрмка. Убаво е што сѐ повеќе ресторани на своето мени имаат и други локални специјалитети, како Охридското Ѓомлезе и Охридското Макало. На туристите секогаш им препорачувам да пробаат локални специјалитети и секако национална кујна. Локалната кујна е еден од најдобрите начини да се научи повеќе за локалната култура. А морам да кажам дека дури и при моето истражување за магистерскиот труд од сферата на туризмот, на прашањето што е тоа што најмногу им се допаѓа на туристите во Охрид одговорот беше: под 1 - Природата, под 2 - Луѓето и под 3 - Храната.  

Скопје – кои три места би ги предложиле како задолжителни за секој турист?

Скопје како еден од двата најпосетени туристички центри во земјава има многу што да понуди, особено ако се посетува за прв пат. Ако морам да изберам три места тоа би биле: чаршијата, Дебар Маало и Матка. Секако зависи од желбите на туристите, но овие три места навистина го пренесуваат духот на Скопје. Опфатени се различни содржини и се добива посеопфатна слика. А искуството е целосно доколку посетата е со туристички водич кој од срце ќе ги пренесе приказните и љубовта кон градот. Верувајте туристите тоа го чувствуваат. Туристичкиот водич претставува амбасадор на дестинацијата од кој најмногу ќе слушнат за историјата, културата, секојдневниот живот и сѐ останато што ги интересира при посетата.