Во сеќавање на Салаетин Билал : „Не смееш да се умориш од сцената“ е еден од најдрагоцените совети кои актерите го добиле од него

„Не смееш да се умориш од сцената“  е еден од најдрагоцените совети кои актерите од Турскиот театар го добиле од големиот актер Салаетин Билал, кој почина денес на 76 години по долго боледување, пишува СДК.

Неговите колеги со солзи се сеќаваат на драгиот пријател, дојаен на театарот кој играше во голем број филмови, телевизиски серии и театарски претстави.

Актерот Атила Клинче вели дека 36 години биле заедно на сцената, а вечно ќе го памети по улогата на Пук во претставата на режисерот Александар Поповски, „Сон на летната ноќ“.

„Голем пријател, колега, учител, родител, мајстор на својот занает. Бевме партнери во ‘Сонот’ и ќе го паметам како Пук сѐ додека и јас не заминам. Тоа беше мајсторска улога. Салко беше колега кој сѐ споделуваше со нас колегите на сцената, и тага и среќа. Кај него имаше таква срдечност и блискост со сите, каква што веќе денес нема во театарот“, се сеќава низ солзи Клинче.

Џенап Самет вели дека со 17 години стаж во Турски театар е еден од помладите актери кој имал чест најмногу да работи со, како што го викале сите, бато Салко.

„Нема доволно зборови да опишам колку научив од него, тоа го нема во ниту една книга, во ниту една енциклопедија. Тој беше многу амбициозен, сакаше сѐ да нè научи, како треба да се однесуваме не само на сцената, туку и во животот. Никогаш нема да заборавам каква и колкава почит имаше кон сцената, колегите, кон публиката, а најмногу кон уметноста. Нѐ учеше дека никако не смееме да се умориме од сцената, дека треба да дадеме сѐ од себе и максимално да ги газиме даските“, емотивно вели Самет.

Салаетин Билал студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција. Во 1964 станал член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите во Скопје. Како актер гостувал и во проекти изведувани на сцените на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, како и на матичната сцена со ансамблот на Албанската драма. Забележителни се неговите ролји во Театарот на Ромите „Пралипе“ и во други независни проекти.

Глумел во филмовите „Најдолгиот пат“ (1976), „Време води“ (1980), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Зад непријателските линии“, „Прашина“ (2001), преку „Илузија“ (2004), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), па се до последните филмови на македонската филмска продукција „Трето полувреме“ (2012), „Балканот не е мртов“ (2013), „Херој“ (2013) и „До балчак“ (2014).

Билал е познат и по улогите во сериите, како „Волшебното самарче“ (1975), „Итар Пејо“ (1977), „Илинден“ (1982), „Белото Циганче“ (1984), „Солунски патрдии“ (1986), „Тврдокорни“ (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други. Добитник е на бројни награди.