Во полиција се смееа кога пријавувавме труење на миленици со овој отров - граѓаните споделуваат искуства за „ланате“

Граѓани споделуваат искуства со труења на животни во изминатите години со отровот „ланате“ од кој смртно настрада 47-годишна скопјанка. 

Велат дека предолго предупредуваат дека опасноста од овој отров е голема, а сепак институциите не превзеле ништо сериозно за да се спречи неговата употреба, иако се набавува „на црно“. 

- Секое лето, во јули, во село Блаце, Катлановско, некој со ваков отров убива мачиња и кучиња. Расфрла низ цело село ноќе храна, а одсабајле е помор. Кога маж ми отиде во полиција и го пријави и усмртувањето на нашите мачиња најдени со пена на уста (мајката и не ја најдовме) во Полиција речиси и му се изнасмеале (за мачки ли ќе се грижат). Но, ете нека се погрижеле за луѓето... Отров се расфрла низ село полно со бавчи. И никому ништо, сподели една скопјанка. 

Сите кои споделија искуство со „хорор сосед“ кој редовни труе мачиња и кучиња потенцираат дека не мора овие луѓе да ги сакаат животните, но барем да бидат свесни и одговорни за големата опасност која демне по луѓето, нешто што и го потврди последниот трагичен случај во Драчево во кој жена почина, а нејзиниот оспруг и свекрва се во кома откако се затруле од отровот кој засега под неразјаснети околности се нашол во домашно приготвената пита.