Во Македонија само четворица хирурзи вршат трансплантација на црн дроб

Проф. д-р Светозар Антовиќ, специјалист по дигестивна хирургија вели дека Македонија е земја која што веќе трансплантира црн дроб и оваа опција им е достапна на сите пациенти.

- Досега е извршена кај 3 пациенти трансплантација на црн дроб, листата е постојано динамична, но не се повеќе од 15 пациенти кои чекаат на листата за операција. Последната пациентка што ја опериравме е добра и во стабилна состојба, очекуваме деновиве да си замине дома. Ние како тим сме четворица хирурзи и досега сме толку доктори што можат да го направат ова, целта ние да имаме два способни независни тима, а на последната трансплантација вклучивме и помлади доктори, рече тој.

По повод Светскиот ден за борба против хепатитисот - 28 Јули, денеска беа претставени најзначајните активности во борбата против хепатитисот, црнодробниот карцином и други заболувања на црниот дроб во нашата земја.

Од Здружението „Хепар Центар“ - Битола најавуваат отворање на прв Црнодробен центар, кој, како што наведуваат, е опремен со современа дијагностика и современа терапија, што ќе овозможи да се зголемат шансите за лечење и подобрување на квалитетот на живот на пациентите. Посочуваат и на амбулантно возило од Ургентниот центар, опремено со современи тестови за хепатитис Б, Ц и ХИВ и современ еластограф, каде ќе се врши бесплатен и анонимен скриниг на граѓаните за црниот дроб.