Во Македонија не може ни да се помисли за забрана на дизел возилата, а тие се едни од најголемите загадувачи

Во време кога во одделни земји на Европската унија се покренуваат дебати за постепена забрана на дизел- моторите, кај нас се забележува зголемен увоз на половни автомобили со ваков тип на погон.

Најобична прошетка по авто- плацовите за продажба на увезени користени автомобили покажува дека најголем дел, ако не и сите, се со дизел- мотор, односно се модели кои не смеаат да се возат во централните градски подрачја на многу европски метрополи.

Анализата на статистичките бројки покажува загрижувачки нагорен тренд на бројот на дизел- автомобили, од кои најголем дел се половни возила донесени од странство. 

Јасно е дека слабата економска моќ на населенението е главна причина за поголемиот интерес за купување половен автомобил наместо нов од авто- салон. На тоа, посебно влијаеше спуштањето на еколошките критеруми за увоз на стари автомобили во 2010 година, што според едни придонесе за обнова на возниот парк во земјава, а според други да се претворивме во депонија за стари возила на Европа.

Но, треба да не замисли податокот од статистичката публикација за транспорт дека постари од 10 години се 79,4 отсто од автомобилите во земјава, или околу 305.000 возила. На нашите патишта има малку нови возила, околу 6.000 возила се помлади од две години, што изнесува 1,6 отсто во однос на 384 илјади патнички моторни возила, колку што биле вкупно регистрирани на крајот од 2015 година.

Иако од 1 јули 2016 година во земјава смее да се увезуваат патнички автомобили кои мора да го исполнуваат најмалку еко- стандардот „евро 4“, сепак овие возила се далеку од највисокиот „евро 6“ стандард и натаму се значаен извор за загадување на воздухот со тешки метали, јаглерод двооксид и азотни оксиди. Токму затоа, се почести се барањата и иницијативите за доследна примена, па и за заострување на регулативата за мерење на издувните гасови кои ги испуштаат овие возила и отстранување од сообраќајот на загадувачите.

Во Министерство за економија велат кај нас за забрана, односно за нерегистрација на возила на дизел погон не се предвидува во скоро време, но дека ние како земја кандидат за членство во Европската унија, ги следиме и ги спроведуваме европските прописи.