Во 5 до 12 се појави ново име на листата на ДИК, Гоце Ристов има фора уште 3 дена да собере 10 илјади потписи

Буквално во 5 до 12 ново име се појави на листата на ДИК за собирање потписи во трката за кандидат за претседател на државата. Повеќе информации за тоа кој е Гоце Ристов нема ниту пак од каде доаѓа.

“Денес, до Државната изборна комисија е доставена иницијатива за собирање потписи за кандидатура за претседател на Република Северна Македонија од страна на Гоце Ристов. Потписите ќе се собираат во подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија на целата територија на државата“, велат од ДИК.

На овие избори најверојатно седум кандидати ќе се тркаат за позицијата претседател на државата. Последново име Гоце Ристов е речиси невозможно да успее да собере 10 илјади потписи за само 3 дена ако позади него не стои некоја од поголемите партии што ќе успее да мобилизира огромна маса на луѓе кои би се потпишале за него.

ВМРО-ДПМНЕ, официјално, на конгрес ја потврди поддршката за Гордана Силјановска-Давкова, а СДСМ за реизбор на актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски. И двајцата, и покрај загарантираниот влез со 30 пратеници, собраа и над 10.000 граѓански потписи.

Претходно, потребниот број потписи го собраа и Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ, Билјана Ванковска од Левицата и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

Рокот за собирање потписи истекува на 8 март на полноќ.