Владата била организатор на прославата на „Шверцери“ во МНТ: Штетата се пребројува

Искинат тапацир на столчињата во Македонскиот народен театар (МНТ) и откорнати орнаменти од ѕидовите е штетата по присуството на навивачката група Шверцери на Фудбалскиот клуб Шкупи, на петочната прослава на 22 Ноември – Денот на албанската азбука. Директорката на најголемиот театар во државава, Симона Угриновска, ни рече дека во моментов е во консултација со Владата и со правниците и случајот во текот на денот ќе биде пријавен во Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Прославата беше во организација на Владата, и ми беше кажано дека ќе има два настана. За првиот официјален дел, свечената академија, на кој присуствуваше и премиерот Зоран Заев, бев во координација со портпаролот на Владата Мухамед Хоџа. За вториот настан, координатор беше Артан Груби и тој ми кажа дека ќе има само проекција на документарен филм за 30 години постоење на Шверцери“, вели Угриновска за САКАМДАКАЖАМ.МК. Груби е пратеник и координатор на пратеничката група на ДУИ во Собранието.

„Срце ме боли за театарот. Зар мислите дека јас, која имам вратено долг на театарот од 120 илјади евра, ќе дозволам влез на навивачки групи и вакво однесување“, вели директорката Угриновска.

Од официјалното видео од прославата на е објавено на Јутјуб, се гледа дека навивачите бурно скандираат качени на столиците со удирање по инвентарот во салонот на МНТ.

„Сметаме дека во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата. Во МНТ во петокот било најавено одржување на два настана, свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до Дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група“, велат од кабинетот на министерот за култура Хусни Исмаили.

Македонскиот народен театар, на левиот брег од реката Вардар, е изграден врз темелите на Стариот театар кој се урна во земјотресот во 1963. Се градеше од 2008 до 2013 , и иако на почетокот беа предвидени 6 милиони евра, сепак на крајот стигна до речиси 40 милиони евра.

Свечено беше отворен во декември 2013, со премиерата на претставата „Вечната куќа“ од Јордан Плевнеш, во режија на Дејан Пројковски, тогашен уметнички директор на МНТ.