Вчера почина двегодишно детенце, вкупно 6396 лица починаа како последица од Ковид 19

Министерството за здравство во  текот на вчерашниот ден информираше дека на клиниката за Детска хирургија починало двегодишно детенце кое имало голем број заболувања, но според информацијата било позитивно на Ковид 19. Детето претходно било сместено во згрижувачко семејство, а информацијата ја разбранува јавноста со многу прашања и одговори.

Од ресорното министерството информираа дека детето било родено со конгенитални малформации, со дијагнози бактериска сепса кај новородено, Хоспитализирано и оперирано во повеќе наврати на клиниките за детски болести, детска хирургија и неврохирургија од конгенитални интестинални (цревни) малформации, компликации перфорација на црево, перитонит,некротизирачки ентероколит, ресекција на јејунум, интракранијална хеморагија, аплициран вентрикуло-преитонеален шант. При последниот прием на клиниката за детска хирургија поради малнутриција и дехидрација, поради ковид протоколите е тестирано и е со COVID-19 позитивен резултат. Поради компликации настaпува exitus letallis.

Официјалните информации кои вчера ги објави Министерството за здравство велат дека до сега 6396 лица во Македонија починале како последица од Ковид 19. Во статистиката од последните неколку денови се почесто може да се забележат и лица под 40 години. Според официјалната статистика која ја води универзитетот Johns Hopkins Македонија е четврта во светот на листата на починати од Ковид 19 на 100.000 жители. Со 305.6 починати на 100.000 жители во Македонија, пред нас се наоѓаат само Босна и Херцеговина, Унгарија и Перу.