Уште една во низа... Уште една блиска личност сврте грб на татковината. Онаму каде што се роди, каде изразна, каде се школуваше, каде се омажи, каде створи деца, но никогаш не најде работа... Уште едно македонско семејство и кажа збогум на Македонија...

-Мила моја, мора да се видиме деновиве, ние си заминуваме со Пепи и децата во Нов Зеланд, ваков беше муабетот кога ми се јави. Онаа Наташа која секогаш има ведрина во гласот, онаа хиперактивна, позитивна, насмеана. Но, не и овој пат кога ми го кажа тоа. Се шегуваш нели? И вратив. Не, ми вели. Овој пат е тоа тоа. Стигнаа документите. Се селиме. Заминуваме засекогаш... Си мислам, ајде има некој ден додека да отидат, можеби ќе се предомислат, но со исто така силна желба, да замине, да има подобра иднина. Излеговме. Таа со семејството, јас со семејството. Седнавме по обичај на ручек, каде што секогаш седнуваме. Ама ништо не течеше како порано. Ниту муабетот, ниту пиењето, ни јадењето... Ја гледам... Онаа Наташа со која израснав. Наташа со која одев во училиште и во основно и во средно, и на факултет. Наташа со која во исто време се омаживме, во исто време родивме деца... Наташа која ми беше како сестра. Ја гледам и знам дека ништо нема веќе да е исто... Уште една личност на долгиот список... Седевме со часови во ресторанот. Не ни се разделуваше... Ја прегрнав толку силно, толку цврсто... Ќе недостигаш, само и шепнав. Солзите беа посилни. Не можевме ниту јас, ниту таа да ги скриеме. Се гушкавме ние, се гушкаа и децата. Ќе дојдете на гости, велат тие... Ќе дојдеме, им велиме. Во зима кога кај вас ќе е ладно, кај нас ќе е топло... Тогаш ќе дојдете... Срцето боли, една празнина останува... Се плашам дека списокот ќе се продолжува... Се плашам дека ќе имам уште многу прегратки за збогум...

 

Сите денешни вести прочитајте ги тука.