Вандализирано возилото на советничката Јанчева, Муцунски го осуди чинот

Непознат сторител во текот на ноќта со пурпена ги запечатил вратите на автомобилот на доскорешната претседателка на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева од редовите на СДСМ.

Јанчева директно се обрати до новиот градоначалник на Аеродром, Муцунски, бидејќи и самата е жител на оваа скопска општина. 

„Вака ли мои сограѓани во Европа. Со заплашување? Почнавте со чкртање…утрово ова? Ваквиот чин е одраз на немоќ, градоначалнику Тимчо Муцунски безбедноста на граѓаните од другата опција е загрозена“, му порача таа на градоначалникот. 

Сепак, тој го осуди ваквиот чин:

„Како градоначалник на Општина Аеродром и како граѓанин пред сè го осудувам овој вандалски чин. Во нашата општина ова не смее да се случува.  Почитувана г-ѓа Јанчева, досега неколку пати реагираме како општина до МВР во врска со нивното дејствување во Аеродром и слабите контроли и неприсуството на терен на полицијата и не добиваме никаков одговор. Во мојата програма нема опции од една или друга страна, сите се исти и затоа работиме со сите сили за една поинаква општина на која сите ќе сме горди. Ги повикувам институциите да преземат мерки, а ние ќе ги интензивираме нашите соработки со институциите за еден безбеден Аеродром за сите“, порача Муцунски.