Уверени сме дека граѓаните ќе ја поддржат европската иднина, порача вечерва портпаролката на СДСМ

Богданка Кузеска од Изборниот штаб на СДСМ, по затворањето на избирачките места изјави дека изборниот ден бил демократски, а гласањето се одвивало во фер и демократска атмосфера.

„Граѓаните својата волја ја изразија слободно и достоинствено како што доликува на една демократска земја – членка на НАТО со започнати преговори со ЕУ. Констатирани се само неколку многу мали прекршувања на изборниот процес. Сакаме да изразиме благодарност до сите граѓани кои денеска гласаа. Самото гласање е суштински чин кој произлегува од моќта на граѓаните да одлучуваат за својата иднина и иднината на државата. Ги очекуваме изборните резултати и уверени сме дека граѓаните и денеска и на 8 мај ќе ја поддржат европската иднина за Македонија. Иднина во која Македонија е дел од европското семејство и членка на ЕУ“, порача Кузеска.

Повтори дека ги очекуваат изборните резултати и наскоро ќе излезат со точни податоци.