Утре се вози „Критична маса“ - Улиците не се за траор и смрт, велат од „На точак“

Групата ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје „На точак“ утре ја возат 89тата „Критична Маса“, овој пат со фокус на безбедност во сообраќајот, улиците по кои секој ден возиме и ризиците за ранливите групи на учесници во сообраќајот. 

-Улиците треба да се место за витален градски живот, не за траор, не за смрт! Тие треба во максимална мера да нè штитат од личните грешки на поединци и да ги едуцираат со сопствениот дизајн дека пешакот е важен, дека велосипедистот е важен, дека животот има предност пред брзината, дека безбедноста е најважна, велат од иницијативата. 

Оттаму велат дека пешачките премини, местата кои теоретски се за предност на пешаците, станаа симбол на повреди и смрт!

-Логично, во град каде тротоарите се бесплатен паркинг, каде се градат улици со стандард на ленти како за автопат, белите линии на пешачкиот премин значат НУЛА во очите на значителен број возачи, велат од „На точак“ потсетувајќи дека бараат казнување на прекршувачите на законите и градоначалници кои ќе изведуваат градови за луѓе, не градови за коли. 

-Нештата се многу превртени и потребна е вистинска политичка визија за промена, а не нови жртви, е нивната порака. 

Рутата на утрешната „Критична маса“ може да ја погледнете подолу.