Уште десет дена трае конкурсот за наградата „13 Ноември“ на Град Скопје

Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје во јуни го распиша конкурсот за доделување оваа награда за 2018 година и ги потсетува граѓаните дека тој и натаму е во тек, заклучно со 10 септември.

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштита и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и светот.

Исто така, наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности, што преставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на град Скопје.

Пријавите за наградата со образложение и кратка биографија се поднесуваат до одборот за доделување на наградата заклучно со 10 септември 2018 година, (архива, барака број 16, на Град Скопје, бул. „Илинден“ бр. 82, Градски парк).