Учениците се враќаат во училишните клупи, родителите велат дека ќе ги пратат без маски

Министерот за здравство, Беким Сали, во однос на почетокот на второто полугодие во училиштата вели дека ќе започне со физичко присуство бидејќи, епидемиолошката состојба го дозволува тоа, а Министерството за здравство ќе прави случаен скрининг меѓу учениците.

– Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент, затоа што епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние ги носиме одлуките. Тоа значи дека од 1 февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки, рече Сали.

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ вчера соопшти дека упатила барање до Владата и Комисијата за заразни болести со цел, како што наведуваат, да се преиспита одлуката за почнување на второто полугодие со физичко присуство на учениците.

– Цврсто веруваме дека оваа одлука треба да биде преиспитана во насока на започнување на полугодието со онлајн настава, најмалку за две седмици од февруари, а потоа да се одлучи повторно за евентуално продолжување одреден период, следејќи ја актуелната епидемиолошка состојба. Сметаме дека е добро Владата да размисли за брзо реагирање и обезбедување на сите основни и средни училишта со брзи тестови, така како што и голем дел држави веќе подолго време практикуваат. Веруваме дека и приватниот сектор (особено фармацевтскиот) би можел да излезе пресрет и да го заштити јавното или колективното здравје доколку им се обрати Владата. Искрено веруваме дека ќе ја донесете вистинската одлука што е во најдобриот интерес на децата, стои во барањето од „Меѓаши“.

Синдикатот за образование, наука и култура завчера побара од Владата да ја преиспита одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство. Сметаат дека во ситуација кога расте бројот на новозаболени треба да се започне со онлајн настава во првите две недели, а потоа да се согледа епидемиолошката ситуација за да се почне со физичко присуство.

За иницијативите на групи родители кои најавуваат дека ќе ги пуштат децата без маски на училиште, министерот Сали вели дека тоа се неофицијални иницијативи.

 Од Министерството апелираат на почитување на мерките како носење маски, држење соодветно растојание и честа дезинфеција.