Трпкова: Кога животната перспектива е вака изместена, човек учи да суди уште пред да научи да оди

Актерката и професорка на Драмскиот факултет Синоличка Трпкова, на својот фејсбук профил, сподели своја перспектива за она што го живее македонскиот народ. 

-Кога со децении живееш во земја во која преку ноќ се создаваат империи, секој што нешто создава, гради и вложува ќе ти изгледа како криминал и злоупотреба. Кога си лажен во континуитет, ти не си кадарен да проникнеш во вистината. И најчесниот обид во кој се вложени знаење, пари, енергија, ум, живот тебе ќе ти заличи на измама, зашто измамата е твоето живеалиште.

Кога животната перспектива е вака изместена, човек учи да суди уште пред да научи да оди. Концептот на живеењето е изместен, зашто ти не се бавиш со себеси, со сопствените капацитети, а си концентриран за осуда на другиот (без разлика на твоите добри намери).

Животот ќе ти мине посветен на „другиот“. Другиот е богат, другиот е виновен, другиот е лош, другиот не чини, другиот да се уништи. Оваа состојба е присутна во секој сегмент од нашето живеење. Додека поединци се концентрираат на сопствените патишта, одговорности, раснења, творења, останатите се концентрираат како тоа да го спречат...

Никогаш сме немале чувство на заедништво, зашто немало ниту услови, ниту капацитет да се создаде. Нам, како држава, ни е потребна помош и поддршка за да излеземе од оваа деструкција. Сами, нема да можеме да го сториме тоа, пишува Трпкова која е познат активист за човековите права и подобро општество за живеење.