Македонскиот пијанист со светско реноме, Симон Трпчески имаше интервју за црногорскиот медиум „Вијести“, при што го покажа својот патриотизам и љубов кон татковината.
На прашањето „колку му е тешко на еден талентиран музичар од мала земја каква што е Северна Македонија да се пробие на светската сцена“, Трпчески даде јасен одговор.
- Македонија (никогаш нема да користам одредници како северна, јужна, западна пред името, затоа што мислам дека тоа е прашање на политика) е мала земја како Црна Гора и вистинско чудо е човек од толку мала држава да ги досегне височините. Горд сум на тоа што сум од Македонија и што потекнувам од скромно семејство. Никогаш не сум заборавил кој сум, што сум и од каде потекнувам. Мислам дека тоа е успех на една личност. Секој има право на надеж и треба да се бори. Татко ми секогаш велеше дека животот е борба. Имавме лоши услови за живот, па дадоа повеќе од што можеа за да имам можности и шанси. Им должам и на моите професори. Јас сум едноставна личност и тоа ми помага во животот, иако денешниот свет е поинаков и оди во чудни правци. Верувам во чистотата на човечката душа, во природата, отвореноста на изразувањето и моќта на музиката, одговори Трпчески на прашањето.