Тешко е да се биде скопјанец на плус 40!

Високите температури што изминатите денови ја зафатија земјата го испразнија главниот град. Некој се одлучи да не излегува од дома, други заминаа да се разладуваат негде на море, на третите пак им беше најтешко и тие, и покрај жештините, мораа да одат на работа.

Како да е, тешко е да се биде во Скопје кога живата на термометарот ќе се искачи над 40-от степен.

Ако попладне се најдеш на улица добиваш чувство дека секој момент некој дел од телото, а особено главата, ќе ти се запали, воздухот стои во место, имаш чувство како да си во фурна, а после цел ден те боли глава и си малаксан.

Горештините го испразнија Скопје

Тропските горештини ја испразнија метрополата. Преку ден кафулињата се празни, многу малку луѓе можеа да се забележат по улиците и на плоштадите. Сликата се менува навечер кога сите излегуваа да ги фати малку посвеж воздух.

Нозете горе ако се возите во кола без клима

Да се вози без клима во автомобил на овие температури е рамно на херојски подвиг. Најтешко е кога колата била паркирана на сонце. Кога ќе отвориш врата чиниш Африка излегува од автомобилот. Но што да се прави, среќа за оние што имаат модерни автомобили со уреди за ладење, оние што немаат мора да се снаоѓаат како знаат и умеат. Еден од начините за разладување за овие патници очигледно е едната нога на шалт-табла другата на прозорец и топло ветре на коса.

Во лето најбрзо се билда згодно тело

Една од најголемите предности, пак во лето е што може да се разонодувате и да спортуваат на отворено. Иако преку ден е неподносливо жешко навечер кога температурата ќе се снижи кејот на реката Вардар е преплавен од рекреативци. Се спортува се, од трчање, пешачење, возење на велосипед и ролери до вежбање на справите. Резултатот е очигледен на крајот на летото кој бил упорен во вежбањето и внимавал на исхраната може да се пофали со стегнато и секси тело.

Гужва на фонтаните за капка вода

На топло време само водата ја гаси жедта. Токму затоа од најголема корист се фонтаните каде што ретко кој граѓанин не застанува да се напие вода пред да го продолжи патот. Освен фонтаните со вода за пиење, вистинско разладување во центарот на градот прават фонтаните околу плоштадите.